26 Авг Кубанецот Хесус Сојет работи со три категории на боксери во Струга
Македонската боксерска федерација го ангажираше Хесус Сојет од Куба за селектор на репрезентацијата. Ова е историски момент за македонскиот бокс кој се обидува да се врати на старите славни патеки.
Сојет е поранешен боксер, има над 400 победи во кариерата и 23 порази,беше финалист на Мундијалот во 1986 година и освои сребро, го познава регионот, вели од овде потекнуваат многу големи боксерски имиња.
„Го памтам Мате Парлов, браќата Качар, тие беа извонредни боксери, се надевам дека ќе создадеме нови големи имиња и овде во Македонија од каде исто така има боксери кои не се забораваат, Аце Русевски и Реџеп Реџеповски“ – вели Сојет.
Кубанецот е во Македонија на инсистирање на претседателот на федерацијата, Примислав Димовски кој во својот мандат си зададе задача да се подигне квалитетот на македонскиот бокс kој стагнира изминатите години, оваа 2019 во кадетска конкуренција Ардијан Аземи донесе злато од турнирот „Емил Жечев“ во Бугарија и Врбас во Србија, се истакнаа и браќата Илхан и Ајхан Озмен, со сребро и бронза, боксот се движи во добра насока.
Во моментов во Струга во организација на БФМ во тек е камп за млади боксери, категориите, деца, кадети и јуниори работат под раководство на Сојет кој ги скенира сите таленти во моментов во Македонија.